Проектот е кофинансиран од
Фондот за иновации и
технолошки развој

Добре дојдовте во „Слушни книга“!

Да влеземе во имагинарниот свет на бајките, приказните, песничките, расказите, романите.

Е-библиотека – „Слушни книга“ е новата бесплатна дигитализирана аудио/видео домашна ризница на  литературни книжевни дела.

„Слушни книга“ е проект во реализација на Мунлајт продукција кој беше препознаен како успешен од страна на Фондот за иновации и технолошки развој во рамки на повикот „Креатон“, благодарение на чија финансиска поддршка, за кратко време стана реалност. Ова е проект што го спроведовме во вонредни услови создадени поради  глобалната пандемија на корона вирусот. Нашата идеја беше да дадеме свој придонес во подобрувањето на квалитетот на живот, во збогатување на содржините во секојдневието, пред сé за децата, но и за возрасните, поаѓајќи од тоа дека литературата е едно од најсилните оружја во борба против изолацијата и осаменоста,  проширувајќи ги нашите видици и знаења, стимулирајќи ги духот и креативноста.

„Слушни книга“ е  возбудливо катче за ново или повторно откривање на домашните автори и нивните дела кои не се така лесно достапни за да се купат или позајмат, и кои воедно не се дигитализирани до сега, но и иницијатива и поттик за стимулирање на нови, млади талентирани автори кои ќе ни ги понудат своите дела за да нјадат свој дигитален запис на нашата страница.

За почеток, решивме да дадеме скромен придонес кон севкупните напори за дигитализација и зачувување на нашето богато културно наследство, опфаќајќи повеќе видови на литературни дела и жанрови.

audiobooks-icon
50

Аудио книги

earphones-icon
900

Слушатели

author-icon
20

Автори

categories-icon
6

Категории

За кого е пред сѐ наменета оваа библиотека?

Поаѓајќи дека децата, оние најмалите од предучилишната и раната училишна возраст се најранливи во текот на изолацијата и вонредната состојба, најголемиот дел од содржините во „Слушни книга“ се посветени за нив. Слушајќи ги романите, приказните, расказите, драмите  и песните, осознавајќи ги нивните пораки и симболики, децата ќе учат и созреваат. Низ нејзините страници ќе можат да го збогатат својот вокабулар,  да го развијат креативното изразување, да научат букви, песни, да  раскажуваат, да сонуваат. Исто како и ликовите во делата, преку нивните авантури! Секој наслов во „Слушни книга“ е аудио-визуелна авантура сама по себе, а пораките кои се пренесуваат низ нив се позитивни и едукативни.

Појдовме од научно потврдените придобивки од цртањето и илустрациите за когнитивниот развој кај децата, стимулирањето на опсервација, како и учење на креативно изразување на своите мисли и идеи. Нашите ценети соработници – уметници и искусни илустратори, внесоа многу љубов, труд и ведрина за да ги оживеат ликовите во содржините, секој со свој автентичен стил и креативна замисла.

Во активниот дел од денот, децата ќе можат самостојно или со водство од возрасните, да ја развиваат својата креативност, активно да ги следат содржините, гледајќи и замислувајќи ја големата слика. Ќе можат да се забавуваат и да уживаат во нашата „Занимална“  дружејќи се со боенките, да си играат сложувалки или пак да одгатнуваат гатанки.

Но Слушни книга ќе биде од особено значење и за слепите и слабовидни лица, имајќи ги во предвид ограничените ресурси и извори што се специјално адаптирани за нивна континуирана едукација и културен развој. Во таа насока, Е-библиотеката „Слушни книга“ содржи избрани дела кои не се вклучени во веќе достапните аудио книги кај нас за оваа маргинализирана група во општеството и ќе ја збогати нивната колекцијата на аудио дела неопходни за нивно образование и уживање во пишаниот/аудио збор.

„Слушни книга“ е и Ваш совршен сопатник додека патувате на подолги релации со автомобил, автобус, воз, итн.  И секако, кога ќе дојде време за спиење, оддалечени од екраните, ќе можете да ги искористите аудио содржините, за да со пријатната нарација и вградените звуци, тие се препуштат полесно на сонот со омилените наслови.

Да откриваме, да научиме, да читаме, да цртаме, да боиме, да се забавувавме и да сонуваме…

Но и возрасните можат да поминат квалитетно време во нашата е-библиотека, слушајќи интересни дела од домашни автори презентирани во аудио формат, па така еден помал дел од првичната колекција е посветен на нив.

Сакавме да опфатиме и наслови од домашни автори кои творат и твореле и на другите јазици кои се зборуваат во нашето мултикултурно општество. За почеток во колекцијата вметнавме и содржини на албански јазик.

Секако, во периодот на„седи дома“  поради глобалната криза предизвикана од корона вирусот внимателно ќе ги следиме Вашите желби и интереси за нови содржини, што ќеовозможи „Слушни книга“ да продолжи да расте и да се проширува.

Поставувањето на платформата и првично опфатените содржини немаа да бидат можни и без напорната работа на нашиот технички тим, кој своето знаење и долгогодишно искуство во креирање дигитални содржини во чекор со новите трендови и технологии за различни медиуми, успеа во само петнаесет дена да ја преточи идејата во финален производ. За нас беше особена чест и задоволство да соработуваме и иновираме со сите  наши соработници од различни профили, секој со свој значаен придонес кон целината.  Воедно им искажуваме и јавна благодарност за вложениот труд и несебично залагање за брзото поставување на содржините.

Однапред благодарни на Вашите коментари и сугестии за понатамошно заедничко растење и развивање, Ви посакуваме „Слушни книга“ да биде Ваше пријатно катче за релаксација, забава и учење.

И пред сé, да биде заеднички поттик во љубовта кон книгата!

Со почит,
Мунлајт Продукција

Пишете ни!

Прашајте не нештоили предложете дело за дигитализација. Кажете ни која е вашата омилена книга, сказна или песна и ние ќе направиме дигитална изведба.